Секој човек ги има, во просек 20 до 40. Некои од нас не ги ни забележуваат, но за жал кај многу луѓе претставуваат извор на стрес.
Тие постојано се грижат да не ги повредат своите бенки, со цел да ги заштитат од иритација. Стравот е постојан — при секое чешлање, облекување, капење.
Овој претеран страв е неоправдан и може само да наштети, бидејќи го слабее имунитетот. Нема човек кој не слушнал некоја приказна околу бенките!
Да видиме што е мит а, што вистина?
1. Не чепкај бенка, ако ја повредиш може да стане малигна!
Погрешно! Повредата на бенката не води кон малигно заболување. Но, важно е секоја повредена бенка да се провери од дерматолог за да се исклучи меланом.
2. Бенките се опасни, бидејќи ракот на кожа почнува од бенка!
Делумно точно — меланомот е единствениот рак на кожа кој може да се развие од бенка, за среќа само 1/3 од меланомите потекнуваат од претходна бенка.
3. Испакнатите бенки се опасни!
Погрешно! Повеќето се плашат токму од овие бенки. Всушност се работи за обични дермални невуси кои не носат поголем ризик.
4. Не вади бенка, ако ја отстраниш ќе добиеш рак на кожа!
Напротив, ако бенката е сомнителна, нејзиното навремено отстранување може само да спречи поголем проблем! Отстранувањето на бенките е секогаш во целост и нема никаков ризик.
5. Ќе ги отстранам сите бенки и така нема да добијам рак на кожа!
Погрешно! Дури 2/3 од меланомите се развиваат на сосема чиста кожа, а не на претходна бенка.
6. Некои бенки смеат да се отстранат, а некои не!
Секоја бенка може да се отстрани — ако дерматологот така препорачал или ако нам ни пречи естетски.
7. Секој може да отстрани бенка, дури и со домашни средства!
Никогаш не обидувајте се ова сами да го направите. Многу меланоми може да наликуваат на бенка, затоа секоја бенка пред отстранување мора дермоскопски да се провери.
8. Бенката се менува, ама ја имам цел живот, не е испакната, не ме боли — сигурно не е ништо страшно!
Не смееме да игнорираме bilo каква промена. Побарајте дерматолог кој со дермоскопски преглед ќе утврди дали се работи за обична бенка или опасен рак на кожа.
Значи — не паничете, но и не игнорирајте ги! Еднаш годишно направете превентивен дермоскопски преглед на сите ваши бенки! Самопреглед еднаш месечно, и ако забележите сомнителна бенка — проверете ја кај стручно лице!